Студенти од Финки, ФЕИТ, ПМФ, Шумарски факултет и други факултети од земјава го прифатија предизвикот на вториот Инокамп и од 18 до 20 декември во 3 тима ги вкрстија своите знаења и вештини за изнаоѓање на најиновативно решение за доближување на Ботаничката градина Скопје до пошироката јавност.
Сите со различни очекувања и предзнаења, но со еднакво голема желба за решавање на предизвикот и стекнување нови искуства. Во само 48 часа тоа што започна како брејнсторминг на идеи и меѓусебно запознавање со помош на ментори и мотивирана работа се трансформираше во целосно осмислени и применливи решенија претставени во компетитивна атмосфера пред жири-комисија.
Изработка на нов веб-сајт, правење на мобилна апликација или организирање на серија активности беа решенијата кои тимовите ги разработија за доближување до пошироката јавноста на темјанушката од Алшар, дрвеното растение „гол човек“ од Гевгелиско специфични за Македонија, но и бамбусова шума, кактуси и многу ароматични и зачински лековити растенија, кои се дел од над 400 дрвја и грмушки со кои располага Ботаничката градина на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Тричлената жири-комисија од вработени во Ботаничката градина, по петминутната презентација на секој од тимовите имаше по 15 минути за прашања – за практичноста на решенијата, нивната спроведливост и самоодржливост, секојдневното функционирање, ажурирање и одржување … на крајот, остана потешката задача – да се одбере само еден победник.
Најиновативното решение – мобилна апликација за Ботаничката градина на тимот на Љупчо, Ивана, Филип и Мартин добива 120.000,00 денари за реализација на решението – изработка на мобилна апликација полна со содржини за растенијата и виртуелни тури за запознавање на содржините на Ботаничката градина, но и дел за едукација со квизови и собирање поени за посетители.
Следуваат уште четири инокампови и ако сè уште размислуваш дали да се пријавиш за некој од следните, можеби ќе ти помогнат искуствата на некои од досегашните учесници.
„Поттикнува иновативност. На факс само ни се предава нешто, а тука од нас се бара сами да креираме. Секој треба да искуси барем еден ваков хакатон во текот на студирањето“, вели Стефан од ФЕИТ
„Треба луѓето да знаат дека има Ботаничка градина. Можеме да ја претставиме визуелно на интернет и со тоа да заинтересираме повеќе посетители да дојдат“, вели Благица од ФИНКИ.
Ботаничката градина на Природно-математичкиот факултет во Скопје организациски припаѓа кон Ботаничкиот завод на Институтот за биологија и располага со околу 400 дрвја и грмушки на површина од повеќе од 16 фудбалски терени, во левите бели дробови на Скопје, во парк шумата Гази Баба.
Во Ботаничката градина се одгледуваат автохтони и алохтони растенија за потребите на наставно-образовниот процес, научно-истражувачката дејност и заштита на биолошката разновидност. Има два стакленици, еден ладилник, објект за аклиматизација на ретки и ендемични видови од македонската флора, објект за зачински, ароматични и лековити растенија и голема дворна површина.
Во изминатите пет години реализирани се повеќе од 2500 едукативни работилници со ученици од основни и средни училишта. Ботаничката градина е отворена и едуцира студенти и заинтересирани посетители.