На првиот Инокамп кој се одржа од 26 до 28 октомври учествуваа 13 студенти од природни и технички науки кои се обидоа да го решат предизвикот за подобрување на кафез замката за заловување на балканскиот рис. Предизвикот беше поврзан со работата на Македонското еколошко друштво кои го следат движењето на балканските рисови во националните паркови во С.Македонија.
Ви го претставуваме тимот од талентирани студенти составен од Ненад, Аце, Марија и Иван кои го освоија првото место со нивната идеја за нов прототип на кафе замка за заловување на Балканскиот рис и со тоа добија 120.000,00 денари за реализација на решението.
„Се беше убаво организирано и осмислено. Предизвикот беше вистински проблем со кој Македонското еколошко друштво се соочуваше. И баш ми е мило што ќе имаме шанса со нашиот тим да помогнеме во спасување на рисот.“ – Ненад Трајаноски
Со спој на вештини од механика и мехатроника, софтверско инженерство, електроника и дизајн, тимот посветено работеше за развивање на своите идеи во опипливо решение. Тимскиот дух го поттикна нивниот напредок, бидејќи секој член допринесуваше со уникатни погледи и експертиза. Резултатот беше прототип кој не само што го прикажа нивното техничко знаење, туку и нивната приспособливост кон коментарите од менторите за време на иновацискиот камп.
„Не само што темата беше интересна на натпреварот, туку и можноста за реализација на идејата, доколку нашиот тим победи.“ – Иван Јовановски
„Најголем впечаток ми остави тоа што запознав супер колеги. Беше прекрасно искуство и многу е убаво кога ќе се освои прво место :)“ – Аце Ѓорѓиевски
Иновацискиот камп е настан кој го истакнува трансформативниот потенцијал на студентите кои можат да ги употребат нивните знаења во практично опкружување, поттикнувајќи иновација која придонесува за општеството.
„Тоа што сме го учеле на факултет лесно се преточи во совладување на предизвикот. Тие знаења и вештини креираа една добра рамка за систематско решавање на предизвикот и доаѓање до суштината на проблемот.“ – Ненад Трајаноски
Во тек е повикот за вториот иновациски камп посветен за зголемување на информираноста за Ботаничката градина. Повеќе информации има на следниот линк – https://innocamps.lead.org.mk/?page_id=3095
Проектот Иновациски кампови во соработка со Мрежата за искуствено учење е реализиран од LEAD и УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведска.