Промоција и едукација на богатствата за Ботаничката градина
КАКВА Е СИТУАЦИЈАТА?
Ботаничката градина на Природно-математичкиот факултет во Скопје организациски припаѓа кон Ботаничкиот завод на Институтот за биологија. На површина од 12,8 ha растат околу 400 дрвја и грмушки. Таа располага со два стакленици, еден ладилник, објект за аклиматизација на ретки и ендемични видови од македонската флора, објект за зачински, ароматични и лековити растенија и голема дворна површина .
Активностите околу нејзиното формирање се започнати во 1948 година, а во 1951 година е започнато со оградување на просторот од околу 14 ha. Во периодот 2017-2021 година се реконструирани стакленикот и управната зграда на Ботаничката градина, објектот за аклиматизација на ретки и ендемични растенија и малиот стакленик. Дополнително е изградена и летна училница за воннаставни едукативни активности. Последно е изграден објектот за лековити, зачински и ароматични растенија.
Во Ботаничката градина се одгледуваат автохтони и алохтони растенија за потребите на наставно-образовниот процес, научно-истражувачката дејност и заштита на биолошката разновидност. Во последните години, Ботаничката градина интензиво е вклучена во реализација на воннаставни едукативни активности за учениците од основните и средните училишта. Досега се реализирани повеќе од 2500 едукативни работилници. Покрај овие возрасни групи Ботаничката градина едуцира студенти и заинтересирани посетители.
КОЈ Е ПРЕДИЗВИКОТ?
Една од примарните цели на Ботаничката градина е да правиедукација на граѓаните. Посетата на ученици од основно и средно училиште се повеќе се зголемува, но интересот на останатите граѓани не е голем, пред се порани нивната неинформираност за постоењето на Ботаничката градина и нејзината работа.
Едуцирањето е навистина тешка мисија кога станува збор за растенијата од причина што истите им се помаку познати на граѓаните. Мал број на луѓе ја знаат нивната улога во животната средина и со какво растително богатство располага Република Северна Македонија.
Досегашните искуства покажаа дека едукацијата е многу поуспешна кога истата се реализира преку активна и забавна работа. Особено учениците од основните и средните училишта сакаат учење преку практчна, активна работа, различна од секојдневното учење во училиштата.
Објектот за аклиматизација на алохтони ретки и ендемични видови од флората на Р.С. Македонија е објект во кој се пренесени значајни растенија од различни делови на Македонија. Објектот е поделен на полиња, а секое поле претставува различен локалитет. На пр.: поле Галичица, каде се засадени растенија од планината Галичица, поле Пелистер и.т.н. Проблем се појавува во текот на годината кога растенијата мируваат или презимуваат. Во тој период посетителите не можат да ги видат растенијата, поради што имаат потешкотии при визуализација на локалитетот, односно полето за кои им се зборува.
ЦЕЛ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРЕДИЗВИКОТ?
Целта на овој предизвик е да се направат кретивни решенија и активности за да се доближат ресурсите на Ботаничката градина до пошироката јавност.
Проектот „Иновациски кампови во сорабока со Мрежата за искуствено учење“ е реализиран од Здружението LEAD со финансиска поддршка на УНИЦЕФ и Шведска.