ЛОЦИРАЊЕ И СЛЕДЕЊЕ НА БАЛКАНСКИ РИС И ПРОУЧУВАЊЕ НА НЕГОВАТА ЕКОЛОГИЈА И БИОЛОГИЈА

КАКВА Е СИТУАЦИЈАТА?

Постојат четири видови мачки кои припаѓаат на редот рис: Евроазискиот рис, Канадскиот рис, Иберискиот рис и Бобкет. Од нив, Евроазискиот рис има најшироко распространување кое се протега од Западна Европа преку Русија и надолу во Централна Азија. Балканскиот рис е еден од деветте подвидови од Евроазискиот рис Lynx lynx од кои 3 се распространети во Европа.

Според податоците од последните неколку години, се претпоставува дека во Македонија живеат само 35 до 40 единки на балкански рис. Најголем дел од популацијата на овој критично загрозен вид се наоѓа во Националниот парк „Маврово“, додека единки од рис се забележани и во Националниот парк „Пелистер“ и во повеќенаменското подрачје „Јасен“.

Рисот ги населува густите шуми и тешко достапните области во западна Македонија, пред се во планинскиот појас кој се протега по должина на македонско-албанската граница.  Посериозни закани за рисот се криволовство, намалувањето на популацијата на неговиот плен и деградирањето на стаништата кои ги населува.

Поради одличните сетила за слух и вид, многу ретко може да се сретне ова животно во природата, па затоа и има многу малку информации за него. За да се научи повеќе за неговиот живот, однесувањето во природата и за соживотот со останатите диви животни, се спроведуваат истражувања во природата на места кои нудат услови за негов опстанок.

Еден од начините за негово проучување е преку поставување кафез замки за заловување единки од овој вид. На заловените единки, се спроведеуваат детални биохемиски и морфолошки истражувања за утврдување на здравствената состојба на единката и полот, а пред ослободувањето на единката му се става околувратник со ГПС предавател, кој испраќа сигнали до сателит, кои понатаму се обработуваат во соодветен програм кој дава слика за неговото движење. Тоа овозможува следење на рисот и на тој начин да се научи повеќе за неговата екологија и биологија.

КОЈ Е ПРЕДИЗВИКОТ?

Во моментот балканскиот рис се заловува во посебно поставени кафези. Кафезот е во форма на правоаголна кутија со излез/влез каде се поставени по една подвижна врата. Вратите се активираат исто времено и се поврзани на средина од замката. Имено, штом животното дојде на средината од кафез замката, се активираат вратите и тие се затвораат. До сега ова функционира на два принципи. Едниот е на начин така што се поставува конец на висина на граден кош на рисот и штом го допре конецот замката се активира, додека пак другиот начин е со нагазна платформа. Во овој случај замката е активирана штом животното ќе стапне на платформата. Овие два случаи имаат и свои недостатоци, често се случува рисовите да го видат конецот и да го прескокнат, или пак да не нагазат на платформата.

Со поставувањето на систем кој што ќе ги активира вратите при детекција на животно значително ќе се зголемат шансите за заловување на рисови.

ЦЕЛ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРЕДИЗВИКОТ?

Потребно е да се развие систем кој што ќе работи ефикасно затворање на кафез-замката при детектирано движење, користејќи сензори за движење. Со тоа ќе се развие решение што ќе придоне за ефикасно заловување на балканскиот рис за негово следење во С.Македонија.

Проектот „Иновациски кампови во сорабока со Мрежата за искуствено учење“ е реализиран од Здружението LEAD со финансиска поддршка на УНИЦЕФ и Шведска.